Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека редоследот на приоритети за влез на земјава во НАТО и во ЕУ, се спроведувањето на реформите, а потоа решавањето на спорот за името.
Николоски смета дека може да се постигне многу подобра договор со Грција од тој што го постигна актуелната Влада.
– Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција. Прво, не може да дозволите грчката страна да ангажира 60 меѓународни експерти, пред се адвокати по меѓународно право и експерти по меѓународно право, вие да не ангажирате ниту еден и на крај да ангажирате еден. Не може да одите јавно со тактиките со кои ќе одите во преговорите и да ги знае другата страна, не може да менувате ставови секој месец и најбитно, не може да очекувате да постигнете договор и да очекувате тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови другата страна, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна, ни ги знае сите слаби страни и тука удира, вели Николоски.
Според него, можеме да се седне и да се препреговара за договорот, затоа што, како што вели, и во интерес на Грција е да се реши ова прашање.
– Доколку сега не помине оваа промена на Уставот, затоа што ако помине граѓаните треба да се свесни дека работата е завршена, но доколку овој договор не е прифатен од граѓаните и од Парламентот, ние сме подготвени со оваа или со некоја друга грчка влада да преговараме и сум убеден дека ќе постигнеме подобар договор, вели Николоски во интервју за Радио Слободна Европа.