Македонија 08. декември 2020. / 11:21

Ако нема почеток на преговори – да има оставки, децидна е опозицијата

Ако нема почеток на преговори – да има оставки, децидна е опозицијата

Треба да поднесат оставка сите, од прв до последен, цела влада на чело со Заев, повика од синоќешниот протест Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Европската унија го тргна прашањето за проширувањето од дневниот ред на денешниот состанок на министрите за надворешни работи, и таа тема ќе отпадне до крајот на годината, објавуваат домашни, бугарски и регионални медиуми, повикувајќи се на високи европски дипломати. Причината е позната – Бугарија нема намера да ја тргне блокадата врз Македонија за нејзин почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за овој неуспех директно ја обвинуваат власта. Александар Николоски на вчерашниот протест потенцираше дека Владата на чело со Зоран Заев треба да си поднесе оставка. Тој вика дека доклоку власта има малку доблест ќе поднесе оставка бидејќи константно го лаже македонскиот народ.

Тој се согласува дека за сето ова голема вина има и во непринципиелните барања на Бугарија, но другиот дел од вината ја лоцира во премиерот Заев.

– Кога сте спремен да ја платите секоја цена, ја плаќате највисоката цена. Видоа нашите соседи дека Заев е подготвен да ја плати секоја цена и решија да добијат нешто што нивните претходници политичари не би го ни сонувале, решија да добијат нешто што е повеќе од 150-годишна битка на овие простори. И тука апсолутно одговорноста е кај Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шекеринска и останатата екипа со нив, рече Николоски.

Обвини дека тие биле подготвени уште минатата недела да ја распарчат Македонија, но се исплашиле од протестите и македонскиот народ.

Од другата страна од политичкиот спектар, уверуваат дека не се тргува ни со идентитетот, ни со јазикот, во интервју на ТВ21.

– Ние Албанците заедно со македонските граѓани градиме заедничка иднина. Ние заедно живееме. Имаме заедничка иднина. Имаме заеднички потреби. Албанците ќе останат лојални до крај. Веќе покажавме дека заедно можеме да направиме големи работи, сега е време за солидаризација за подобра иднина. Верувам дека и опозицијата ќе биде поконструктивна во оваа насока, потенцираше Османи.

Владата немаше лесен почеток на стоте дена: продолжи со решавањето на предизвиците со корона кризата, и со обезбедување сет мерки за помош на граѓаните и на економијата, која сега и официјално влезе во рецесија. Опозицијата смета дека се влечени погрешни потези, и дека е време за влада на национален спас, која прво ќе ја врати состојбата во нормала по сите параметри, а потоа ќе организира паралементарни избори во најзбрз можен рок кога тоа ќе го дозволат здравствените услови.

За разлика од дома, повеќе пофалби за учинокот доаѓаат однадвор, и за реформите, и за патот кој кон се движи земјата.

– Во 2020 година направивме сѐ што можевме да почнат пристапните преговори со ЕУ на Македонија. ЕУ-интеграцијата на Западен Балкан е гаранција за мир и соработка. Македонија ги спроведе сите реформи. Крајно време е за добро решение, напиша на Твитер германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

Но, веќе е извесно дека ЕУ на денешниот министерски состанок фокусот нема да биде кон проширувањето, односно кон Македонија и Албанија, туку кон Брегзит и буџетот, две теми клучни за ЕУ за кои исто така сѐ уште нема компромис. За (не)напредокот на Македонија главната дебата сега ќе почне на домашен терен.