Македонија 10. ноември 2018. / 11:54

Ахмети гласаше „за“ одземање на пратеничкиот мандат на Груевски

Ахмети гласаше „за“ одземање на пратеничкиот мандат на Груевски

Али Ахмети го стисна зеленото копче „за“ во Собранието за да му биде одземен пратеничкиот мандат на Никола Груевски, кој правосилно е осуден на двегодишна затворска казна поради случајот „Тенк“, објави Независен.

Осумгодишните партнери во Владата неславно ја завршија својата соработка, што почна да се ниша по неуспешниот обид да формираат коалиција по парламентарните избори во 2016 година. Речиси две години подоцна, лидерот на ДУИ целосно се дистанцираше од некогаш најблискиот соработник.

Владејачкото мнозинство, сепак, не успеа да собере 80 гласа за да му го одземе мандатот на довчерашниот прв човек на ВМРО-ДПМНЕ. Со 58 гласа „за“, како и 29 „против“, парламентарниот спикер Талат Џафери констатираше дека Груевски останува пратеник.

Во салата отсуствуваа осумте пратеници на новата пратеничка група, која и претходно се изјасни дека нема да го поддржи барањето на власта против нивниот поранешен шеф. Не беше присутен ниту Груевски.

Исходот од гласањето беше предвидлив, иако беше оставена минимална можност владејачкото мнозинство во последен момент да стигне до потребната бројка, како што беше случајот со уставните измени. Од тие причини, точката која беше прва на дневниот ред експресно заврши. Ниту еден од пратениците од власта и од опозицијата не побара збор, па Џафери предлогот веднаш го стави на изјаснување. По гласањето, Собранието продолжи да заседава по другите точки од дневниот ред.