Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на првиот ден од изборната кампања во медиумите, констатирала дека спротивно на законот, повеќе телевизии, емитувале платено политичко рекламирање во кое учествуваат малолетници.
Потсетуваме дека за содржината на платеното политичко рекламирање одговорноста е кај нарачателите, но радиодифузерите се одговорни за законитоста на неговото емитување – велат од ААВМУ.
Оттаму апелираат до радиодифузерите веднаш да престанат да ги емитуваат ваквите спотови, а учесниците во изборната кампања да го усогласат нивното платено политичко рекламирање со законите.
Од Агенцијата им порачуваат на радиодифузерите внимателно да ги прегледуваат сите содржини и да одбијат да ги емитуваат оние со коишто се прекршува не само Изборниот законик, туку и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.