Македонија 19. јуни 2020. / 13:28

АФЕРА ФАРМАГЕЈТ (1): „Промедика“ незаконски извлекла десетици милиони евра од државата!

АФЕРА ФАРМАГЕЈТ (1): „Промедика“ незаконски извлекла десетици милиони евра од државата!

Фармацевски гиганти, јавни обвинители, министри, директори на јавни здравствени установи и пред се власта и владејачката партија СДСМ се дел од корупцискиот скандал „ФАРМАГЕЈT“, кој во неколу продолженија ви го открива „Економски Лидер“.

Фармацевската компанија „Промедика ДООЕЛ“ долги години функционира во фармацевскиот сектор во Македонија. Анализата на податоци на „Економски Лидер“ покажува дека од 2016 па наваму, оваа компанија склучила вкупно 1476 договори за јавни набавки со државата за набавка во Јавното здравство. Вредноста на овие договори е неверојатни 47 милиони евра (2.919.361.081) денари.

На хартија, единствен сопственик на компанијата „Промедика“ е лицето Ристо Лузевски, кој во исто време е и управител на истата. Под истиот бренд, истиот сопственик поседува уште неколку компании кои се од здравствениот сектор.

Проверката во централниот регистар, покажува дека седиштето на оваа компанија е регистрирано на адресата „Св. Кирил и Методиј 50“ во центарот на Скопје. На истата адреса, во истите простории е регистрирана и компанијата „Неокор Медика“, која на хартија нема никаква сопственичка поврзаност со компнијата на Лузевски иако споделуваат простории. Сепак, втората компанија ја разоткрива целата корупциска шема преку која се извлекуваат пари од државата.

Преку скриено сопствеништво се изигрува законот за јавни набавки и се сузбива конкуренцијата!

Свиркачи кои се вработени во Комисијата за заштита на конкуренцијата, ни јавија дека по пријава на една конкурентска фирма, комисијата извршила инспекциски надзор во двете компании и било констатирано дека „Неокор Медика“, всушност е поврзана со „Промедика“, затоа што освен заеднички простории, двете компании споделувале и материјално сметковотство, кое се водело на исти компјутери.

Ова е класично кршење на законот преку кое „Промедика“ богато се офајдила, ако се има предвид дека преку заедничко учество на тендери, двете компании извлекле милионски суми од буџетот со нарушување на конкуренцијата при надавање, во кое една компанија практично настапувала со две компании.

Сепак и покрај констатираното, Комисијата за заштита на конкуренцијата, со месеци не реагирала со казна за компанијата, а како што ни јавија свиркачите, кога „Промедика“ била казнета, казната била минимална и на менаџментот и понатаму му одговарало да ја продолжи шемата.

Комисијата за заштита на конкуренцијата редовно објавува какви казни добиваат компаниите кои ја нарушуваат конкуренцијата, но, директорот Владимир Наумовски не ги објавува решенијата поврзани со „Промедика“ и „Неокор“, што значи дека и тој директно ги штити.

Свиркачите до нашата редакција доставија и списи од дел од тендерите на кои двете компании учествувале заедно и така го изиграле системот за јавни набавки и ја нарушиле конкуренцијата. Документирани се примери за вакви злоупотреби кои надминуваат десетици милиони евра.

Со ваквото изигрување на системот за јавни набавки, „Промедика“ успева да ги зголеми и маржите за продуктите кои и ги продава на државата, па тие често изнесуваат и 200 до 300 проценти, што влегува во рангот на штетни договори. Ова пак е кривично дело за министерот Филипче и директорите кои потпишале вакви договори.

Кој стои зад „Промедика“?

Вкрстените проверки во централниот регистар, покажуваат дека по доаѓањето на СДСМ на власт, со ваквите дејанија, „Промедика“ успеала да ги зголеми своите приходи за над 100 милиони денари годишно.

За овие очигледни незаконски дејанија, конкурентските компании поднеле и кривични пријави за „Промедика“ во Обвинителството за организиран криминал. Вилма Русковска, предметот го пренасочила во ОЈО, а таму сеуште го чуваат во фиока и никој не реагира. За случајот бил запознаен и министерот за здравство Венко Филипче, но и тој, иако дава негативни референци за многу помали набавки – не презема ништо.

Симптоматично е што во фантом фирмата „Неокор Медика“, која практично е спотер фирма на „Промедика“ како сопственици се јавуваат лица кои орбитираат околу „Промедика“, а често се случува истите да бидат и вработени во компанијата мајка.

Директорка на „Неокор Медика“ беше Лилјана Арсова, која е поранешна директорка на Финаносва Полиција, во времето на владата на Владо Бучковски. Еден од сопствениците е и фамозниот Владислав Стајковиќ, кој важи за близок пријател на Ристо Лузевски, но и е дел од мрежата на компании на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Во краток период годинава, директор на „Неокор“ беше и младиот 25 годишен  Живко Симакоски, кој важи за личност која нема никаква поврзаност со фармацевтската индустрија, но е роднина на еден бизнисмен од странство, со потекло од земјава, кој пак е во блиска пријателска релација со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Истиот бизнисмен од странство, за кој постои сомнеж дека стои позади оваа корупциска мрежа, е во блиска пријателска релација и со министерот за здравство Венко Филипче, а во земјава има и бизниси кои не се од фармацевскиот сектор.

Ова отвора сомнеж дека за потребите на владејачката партија, преку компанијата „Промедика“ се извлекувале и се сеуште се извлекуваат огромни пари од државата.