Само годинава 500-тини родители треба да платат казни зошто не ги вакцинирале децата. На сите Државниот санитарен и здравствен инспекторат им поднел прекршочни пријави, пренесува Сител.
Од ДСЗИ велат дека бројката на невакцинирани била поголема, но дел дошле на порамнување и платиле половина од сумата, а други пак приложиле документ дека детето во меѓувреме било вакцинирано или пак здравствената состојба не дозволувала да примаат вакцина.
–Казната доколку дојдат на порамнување е околу 300 евра, доколку платат во рок од 8 дена се преполовува на 150 евра, но тоа не ги амнестира родителите да не ги вакцинираат децата, тие и понатаму нема да бидат примани во градинките – изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.
ДСЗИ чека конечна одлука од здравство и образование што ќе се случува со невакцинираните деца дали ќе останат дома или ќе седнат во училишните клупи.
Доколку се одлучи без уреден картон првооделенците да не се запишуваат во училиште здравствените инспектори ќе вршат контрола.
–Во зависност од одлуката и ДСЗИ ќе постапува – додаде д-р Бухова.