Магазин 04. јули 2020. / 14:36

Прво „Драјв ин синема“ вечерва во Велес

Прво „Драјв ин синема“ вечерва во Велес

Во организација на Младинското здружение Transparent Future, со подршка на Општина Велес и спонзори, вечер во 22 часот на паркингот пред маркетот „Кид Го“, поранешен ТУШ, ќе се одржи кино-проекција на отворено која ќе може да се проследи од автомобил. Прикажан ќе биде филмот „Судар“.

Пред проекцијата ќе настапи ДЏ Попај, а собраните средства од настанот ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Како што информираат од Општина Велес, идејата за организарање на првото Drive in cinema од отворен карактер во земјава е резултат на креативноста на група млади ентузијасти, кои сакаат со иновативни идеи да придонесат за разни можности за рекреација и забава на младите, па и на повозрасните во оваа летна сезона.

„За да го заштитиме јавното здравје и да покажеме свест и одговорност во овие тешки времиња, организаторите и ние како Општина, препорачуваме почитување на сите мерки пропишани од Министерството за здравство, со цел заштита и превенција од ширење на вирусот“, велат од Општина Велес.

„Оваа идеја дојде како резултат на креативност на група млади ентузијасти, кои сакаат да придонесат со иновативни идеи на животот и делувањето на младите луѓе внатре и околу Велес. Иако овие млади луѓе професионално се разновидни, успеаја да се сплотат во нова уникатна младинска организација – Transparent Future, со цел да создаваат проекти и настани од општествен и хуманитарен карактер, и придонесат можности младите да го разубават своето место на живеење без потреба на политичка активност“, велат од Transparent Future.

Паркингот ќе биде отворен во 20:30 часот, а проекцијата ќе почне од 22 часот. Треба да се резервира место, бидејќи просторот е со ограничен капацитет, а билетите чинат 150 денари.

Местоположбата на возилата ќе биде според типот и големината на истите, поради подобра визуелност. Броеви за резервација се 078/265-516 и 078/430-356.

Од Transparent Future исто така повикуваат на следење на овие препораки:

Осигурете се дека вашиот радио приемник работи пред доаѓањето бидејќи аудио звукот од филмот ќе се пренесува преку радио фрекфенција.

Мерки за превенција:

–           Бидете максимално 2 лица во вашето возило

–           Носете заштитни маски при влез и за време на проекцијата на филмот

–           Возете максимално 10 километри на час откога ќе влезете во просторот на Drive – IN Cinema

–           Доколку е потребно да одите до тоалет, носете маски и ракавици, застанете на означените места затоа што сите треба да се грижиме за јавното здравје.

–           Следете ги поставените редари, знаци и инструкции

–           Паркирајте се на означените места

–           Ве молиме осигурете се и исклучете ги вашите светла по вашето паркирање

–           Доколку немате потреба, ве замолуваме да не отстапувате од внатрешноста на вашето возило

–           Не седете на вашите автомобили да не им пречите на другите околу вас.