Магазин 03. ноември 2019. / 11:15

Паметните канти на кавадаречки професор првонаградени за иновација во Италија

Паметните канти на кавадаречки професор првонаградени за иновација во Италија

Во конкуренција од 120 учесници од 31 држава, на најголемиот саем за образование во италијанскиот град Фиренца, кавадарчанецот Димитрија Ангелков е првонаграден за иновативниот еко-метод, преку паметни канти до развој на етички вештини.

Тој е доктор на науки од електротехничка струка, а работи како професор во средното електромашинско училиште.

– „Дидакта“ е саем на кој се презентираат практични решенија што го унапредуваат образовниот систем. Трудот со кој јас настапив е заштитата на животната средина преку подигање на свеста од најмали години, за стекнување навики за правилна селекција на отпадот. Паметните канти се покажаа како ефикасен метод за мотивација на луѓето од најмали до највозрасни, да учествуваат во селекцијата на отпадот кој го произведуваат самите, но и на отпадот од останатите, појасни професорот.

Тој додаде дека овој метод овозможува отпадот што е расфрлан насекаде да ги мотивира корисниците да го собираат и да го поставуваат во овие паметни канти и да добиваат поени, па преку поените и награди.

– Исто така иновацијата е и во тоа, ако не се користат редовно поените, автоматски се намалуваат и со тоа имате плус мотивација да ги користите постојано и да имате мал склад дома, за кога ќе можете да ги фрлите во кантите и да добиете поени. Системот е одржлив,  нема маани, сигурен и достапен за сите. Со овие машини заедницата добива повеќекратно и ситуацијата е вин-вин за сите, нагласи Ангелков.

Патентот „паметни канти” изработени од кавадаречка фирма, во која управител е проф. д-р Димитрија Ангелков, претходно освои златен медал на саемот за иновации „Иновамак 2019“.

Паметните канти, како што изјави за МИА Ангелков, веќе од оваа година се произведуваат и се дистрибуираат по училишта и градинки.