Магазин 14. јули 2020. / 21:54

Матичните лекари кои протестираа незадоволни од ставот на Министерството за здравство

Матичните лекари кои протестираа незадоволни од ставот на Министерството за здравство

Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари вечерва ја сподели личната и разочараноста на колегите по реакциите на денешниот протест на матичните лекари. Пред се, вели дека е „скандалозно“ соопштението на Министерството за здравство кое по получасовниот протестен молк на матичните доктори брзо ги отфрли сите нивни барања.

Меѓу точките за кои нема согласност меѓу двете страни е заштитната опрема, за кое Министерството вели дека ја дале на матичните лекари иако ресорот нема таква обврска.

 

Без лажење молам. Еднократно, мизерни 50 вакви маски по тим од лекар и медицинска сестра е целата државна помош која е доделена на матични лекари овие 4 месеци и ни приближно немаат сите добиено… Молам еве јавно да не демантираат и да објават каква заштитна опрема, колку и на кои матични лекари е доделена!, напиша Лазаров.

Меѓу другите барања на денешниот протест на матичните лекари беа и да имаат член во Комисијата за заразни болести и да можат да праќаат пациенти на тестирање за ковид-19 надвор од утврдениот алгоритам.

За членство во Комисијата, од Министерството за здравство одговорија дека тоа е советодавно тело кое по закон го прави министерот и е составено од истакнати експерти од областа на епидемиологијата, инфектологијата, микробиологијата, педијатријата, ветерината и други специјалности. За алгоритамот, од владиниот ресор соопштија дека е изработен со цел да ја олесни работата на матичните лекари и да обезбеди унифициран пристап.

Лазаров аргументира дека одговорите од Министерството не се доволна причина за да се слушнат нивните барања.

Околу членство во Комисијата за заразни болести, не постои никаква пречка да има претставник на матичните лекари како надворешен член без право на глас, како што има и во моментов во советодавна улога.

По прашањето за можност нелимитирано да тестираме пациенти по наше мислење, одговорот не е ниту одговор. Секој кој до сега се соочил со потребата да е тестиран, знае дали и колку можеме, вели Лазаров.

Дел од матичните лекари протестираа денеска пред своите ординации под мотото #ДостаЕ#MjaftMë. Не даваа изјави за медиумите, туку ги споделуваа своите фотографии на Фејсбук.

 

 

На барањата упатени со протестот реагираше Министерството за здравство од каде соопштија дека се изненадени и од протестот и од тврдењата за игнорантскиот однос кон матичните доктори. Но јавното изразување на незадоволство ја подели и фелата, бидејќи Здружението на приватни лекари се огради од протестот.