Магазин 09. ноември 2020. / 21:22

Македонските фудбалери пред историски успех

Македонските фудбалери пред историски успех
epa07178130 The team of Macedonia pose prior to the UEFA Nations League match between FYR of Macedonia and Gibraltar in Skopje, The Former Yugoslav Republic of Macedonia, 19 November 2018. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Најдобрата македонската фудбалска репрезентација од денеска ја започнува операцијата „пласман на Европското првенство“. Со победа на гостувањето против Грузија црвено-жолтите ќе го бркаат историскиот успех, прво учество за завршницата на континенталното првенство

На самиот старт, односно собир на селекцијата веднаш едно откажување. Имено, голманот Даниел Божиновски нема да биде во комбинациите на селекторот Игор Ангеловски не само за мечот против Грузија, туку и дуелите со Естонија и Ерменија во Лигата на Нациите. Причината е позитивниот тест на Корона вирусот што го доби Божиновски, по што ќе мора во изолација. Селекторот на А репрезентацијата, Игор Ангеловски нема да повика друг голман за натпреварот со Грузија, но остава отворена можност тоа да го стори за дуелите против Естонија и Ерменија.

Се очекува и пристигнувањето на Кире Ристевски кој треба да има негативен тест за да може да се стави на располагање.

Под голем  знак на прашање е и настапот на искусниот Аријан Адеми. Капитенот на загрепски Динамо, кој има повреда на бутниот мускул, ќе дојде во Скопје, каде лекарскиот репрезентативен тим ќе направи дополнителни прегледи, по што ќе биде познато дали Адеми ќе може да му се стави на располагање на селекторот Ангеловски.

Јас се надевам дека нема да имаме дополнителни проблеми по пристигнувањето на останатите фудбалери и подготвени ќе ги започнеме планираните тренинзи. Знаеме против кого играме, знаеме за што играме. Треба да бидеме максимално сконцентрирани, мотивирано да го одиграме натпреварот и да го добиеме за конечно да се пласираме на Европското првенство. Ова е натпревар кој навистина носи посебни емоции бидејќи имаме шанса на фудбалска Македонија да и донесеме пласман на Европско првенство, вели селекторот Игор Ангеловски.

Македонската селекција денеска и утре е во Скопје, а в среда заминува за Тбилиси, каде ден подоцна (четврток) од 18 часот ќе го започне мечот против Грузија.