Магазин 15. ноември 2019. / 21:00

Имале гориво за уште речиси 2 часа летање: Заврши најдолгиот комерцијален лет во историјата

Имале гориво за уште речиси 2 часа летање: Заврши најдолгиот комерцијален лет во историјата

Авионот Боинг 787-9 „Дримлајнер“ на австралискиот авиопревозник „Квантас“ изврши најдолг лет без слетување досега регистриран во патничката авијација, соопшти Си Ен Ен.

Патничкиот авион тестираше лет на дестинацијата Лондон – Сиднеј.

За време на летот, авионот се наоѓал постојано во воздух 19 часа и 19 минути и поминал 17.800 километри. Патувале 50 лица и четворица пилоти и биле надминати два рекорда – по далечина и по времето на летање.

Како што се наведува на авионот му преостанало гориво за отприлика уште 1 час и 45 минути лет, кога се приземјил на аеродромот во најголемиот град во Австралија, известува Ројтерс.

Откако полетал од меѓународниот аеродром Хитроу вчера рано наутро, за време на летот авионот ги преминал воздушните простанства на Германија, Полска, Белорусија, Русија, Казахстан, Кина, Филипини и Индонезија. Притоа, патниците имале можност двапати да го видат изгрејсонцето.

Претходниот рекорд, исто така, беше на авион Боинг 787-9 „Дримлајнер“ на истата компанија со лет што се случи на 21 октомври на дестинацијата Њујорк-Сиднеј. Авионот беше во воздх 19 часа и 16 минути со девет членови на екипажот и 40 патници.

Патниците биле раководители на компанијата „Квантас“, меѓу кои и генералниот директор Алан Џојс, научници од уноверзитетот во Сиднеј, новинари и неколку постојани корисници на авиокомпанијата.