Алпинистичкиот дух на битолчани уште еднаш се потврди откако петмина вљубеници во планините го освоија врвот на Европа.
Челеновите на планинарскиот клуб „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, предводени од 70-годишниот Томе Лозановски и неговите млади колеги Андријана Стојановска, Виктор Трпеновски, Тони Лозановски и Бојан Филиповски на трети август го освоија Мон Блан. Планинарите за „Лидер“ велат дека подвигот не беше воошто лесен, но мотивот беше посилен од препреките. Имаа и среќа што времето ги послужи. По долги и макотрпни тренинзи битолчани се искачија на врвот.
– Искачувањето започна од последната станица на трамвајот Мон Блан, на 2372 метри надморска височина. Од таму по технички, но и по каменест терен се искачивме до планинарскиот дом Тет Рус (3167 мнв). Потоа по значителна стрмнина се искачивме на 3815 мнв, до домот Гутер, каде преноќивме. – ракажа за Лидер, единствената девојка во групата, Стојановска.
Таа додаде дека потоа рутата продолжила до бивакот Валот, од каде се пристапува кон сртот за највисокиот врв на Алпите, Мон Блан на 4810 мнв.
Поради реткоста на воздухот искачувањето било тешко, но сепак битолчаните успеа да го освојат врвот.
– Целиот труд се исплати. Кога стигнавме на врвот чувството беше прекрасно. Бевме пресреќни. Едноставно не може да се опише со зборови. Би сакала сите да имаат можност да се најдат на тоа место. – истакна Стојановска.
Врвот на Европа е огромен успех за нив, а во иднина планираат да искачат и други висини.