Магазин 10. јануари 2019. / 14:40

Епидемија од морбили: Уште седум деца завршија на Инфективна

Епидемија од морбили: Уште седум деца завршија на Инфективна

Денеска до 13 часот на Инфективната клиника во Скопје се примени седум деца на возраст од 2 години. Сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје и ја посетувале детската градинка „Сонце“, извести Министерството за здравство.

За сите нови седум пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Досега се заболени вкупно 8 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП-вакцината. Од Министерството велат дека во групата имало 28 деца, сите невакцинирани.

-Од 16 декември до денеска вкупно 22 лица биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица сè уште се хоспитализирани, а 9 се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци , а најстариот има 33 години од Скопје. Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче од општина Аеродром – вкупно 9 деца – велат од Министерството за здравство.

Од вкупниот број заболени, 8 пациенти од Скопје биле со полесна клиничка слика и се на домашно лекување.

Според податоците од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои се сомневале или потврдиле дека се заболени од морбили.

Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1 692 лица, а само денес до 13 часот вакцинирани се 85 деца.

Министерството уште еднаш повикува на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили и има доволно количини од МРП-вакцините.

-Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење – објаснуваат од Министерството за здравство.

Во исто време во Министерството за здравство во тек е истрагата за погрешните декларации на вакцините за кои алармираа загрижени родители откако забележаа дека на амабалажата стои изминат рок на вакцините.