Со автомобилот „опел астра“ со кој во неделата беше прегазено 10-годишно дете во населбата Ѓорче Петров, на улицата „Борис Серафимов“ управувала жена која немала возачка дозвола, а по несреќата зад возачкото седиште седнал нејзиниот сопруг-полицаец, објави Нетпрес. Како што пишува Нетпрес, сопружниците направиле рокада и се преместиле на местото каде што се случила несреќата што е спротивно на Законот за безбедност во сообраќајот, па и полицајците на увид вршеле мерења на погрешно место, што предизвикало револт кај очевидците. Нетпрес информира и дека во меѓувреме биле сменети и браниците на возилото.
Според последните информации прегазеното дете е во добра здравствена состојба, но се чека да се направат нови испитувања, со цел да се утврди понатамошното лекување. Родителите на детето, велат нивни блиски, подготвуваат тужба за учесниците во сообраќајката, но и против институциите за неправилно водена истрага и увид.
Во меѓувреме се поставени неколку заштитни столбови на тротоарите покрај училиштето, но граѓаните бараат да се постават легнати полицајци и да има постојана полициска контрола, на тоа место.