Жена била жртва на семејно насилство и присилно била однесена во болница да абортира, изјавија од организацијата „Лидија-Срце што чука“, во утринскиот подкаст „Утро со Златев“ на Радио Лидер.
Организацијата Лидија-Срце што чука, е советувалиште кое нуди можност за жените коишто се во состојба на непланирана бременост или репродуктивна загуба, да ги добијат сите информации што им се потребни за да можат да донесат вистинска одлука што ќе прават со својата бременост.
На прашањето за достапноста на државните институции во ваквите организации, тие велат дека институциите не се доволно достапни не само за ваквите организации, туку и за самите граѓани.
Како пример посочија случај кадешто маж присилно однел жена во болница да абортира.
-Сме имале случаи кајшто жена е жртва на семејно насилство, присилно е однесена во болницата да абортира. Дури при пријава кај социјалниот работник и кај самиот психолог во болницата, самиот насилник е повикан на разговор во центар за сопцијални работи и ништо не е преземено после тоа, жената не е воопшто заштитена и после самиот разговор таа присилно е однесена на абортус, велат од „Лидија-Срце што чука“.
Тие велат дека жените многу често не го пријавуваат насилството во институциите бидејќи се чувствуваат исплашено.
-Често жените се исплашени, и имало ситуации кадешто мажот воопшто не дозволува жената да остане на само со лекарот и кадешто тој е во самата просторија, таа е исплашена да каже нешто сосема поинаку, да ја каже вистината дека таа е под присила, кажаа тие.