Хроника 14. декември 2020. / 12:04

(ВИДЕО) ШОКАНТНО: Македонка 20 пати пријавила тепање од сопругот, Институциите не ја заштитиле

(ВИДЕО) ШОКАНТНО: Македонка 20 пати пријавила тепање од сопругот, Институциите не ја заштитиле

Семејното насилство е честа појава, а пријавите се зголемија со појавата на пандемијата и воведувањето на рестриктивните мерки.

Во период на полициски час и карантини кога луѓето беа затворени дома, на површина излегоа сите проблеми што двојките што живеат заедно ги имале подолго време. Пријавите на семејно насилство според МВР за време на полицискиот час се зголемија за 45 отсто.

Хелсиншкиот комитет за човекови права за заштита на жртвите на семејно насилство објави две видеа што се базирани на вистински приказни. Од оваа организација бараат полициските службеници, социјалните работници и јавните обвинители да имаат задолжителна обука за постапување во случаи на насилство и јасно да ѝ ги образложат правата и законските можности што ѝ следуваат на секоја жена-жртва на семејно насилство.

Видеата се објавени под мотото „Правда за жените“, а во нив се укажува дека постојат пропусти во постапувањето на институциите во случај на пријава за семејно насилство.

Се работи за девојка што неколку месеци била во врска со момче, сѐ до моментот кога тој почнал насилно да се однесува кон неа и таа ја прекинала врската.

(И во двете видеа имињата се изменети за да се заштити идентитетот на поединците.)

„Јована ја раскинала петмесечната врска со Лука откако тој станал насилен кон неа. Во следните две години Лука продолжил да ја вознемирува, да ѝ се заканува, и физички и психички да ја малтретира Јована. Јована над 20 пати го пријавила насилството во полиција и во Центарот за социјални работи, но законските постапки почнале дури откако една организација што работела на заштита на жените од семејно насилство се заложила за нејзиниот случај.

„Полицијата не поднела официјален извештај за ниту еден од дваесетте инциденти на насилство пријавени од девојката. Ниту полицијата, ниту Центарот за социјални работи не издале никакви мерки за заштита на жртвата, а таа не добила никакви информации за нејзините права, законските постапки што може да ги покрене или пад за услугите што ѝ биле на располагање. По поднесувањето на обвиненијата целата постапка траела 7 месеци, што е многу подолго од законски предвидениот рок. Ваквите трагедии може да се спречат така што ќе се побара задолжителна обука на полициските службеници, социјалните работници и јавните обвинители за нивните законски обврски во следењето на случаите на семејно насилство. Да се обезбеди сигурност полициските извештаи да се поднесуваат навремено и веднаш и да се бара одговорност за полициските службеници што не ги следат законските процедури и лошо се справуваат со случаите на семејно насилство“, се вели во едно од објавените видеа.

Следното видео што Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави е случка што се однесува на брачни партнери.

Во период од над пет години Иван физички и психички ја злоупотребувал сопругата Ана. Таа насилството го пријавила во полиција, која му поднела прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир. Полицијата не презела дополнителни мерки за да ја осигури безбедноста на Ана. Иван продолжил да биде насилен кон сопругата. Поради разочарувачкото искуство со полицијата, Ана побарала помош од организација што работи со лица што преживеале семејно насилство.

„Системот ја изневерил Ана бидејќи полицијата не ги спровела сите постапки за заштита на жртвата во случај на семејно насилство. Насилничкиот инцидент бил третиран како нарушување на јавниот ред и мир, а не случај на семејно насилство. Ретко кога полициски службеник е казнет парично за непријавување на случаите за семејно насилство на соодветен начин во ваков случај, иако тоа е задолжително. Службените лица да имаат задолжителна обука и да се казнат ако не постапуваат соодветно“, се вели во видеото објавено од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според објавената статистика на граѓанската организација за унапредување на правата на еднородителските семејства „Една може“ по повод 6 декември, денот за борба против фемицидите, над 80 отсто од жените што се убиени во Македонија се убиени од нивните партнери, без оглед дали се во брачна или вонбрачна заедница, или пак од некој друг член на семејството, браќа или татко.

Во екот на пандемијата со ковид-19, во Македонија имало случај на 5 фемициди и 1 обид за фемицид.

Само последниот период имаше два грозоморни случаи, еден во кој сопруг со секира ја претепа сопругата за која со години се грижел, а потоа се самоуби, и уште еден случај, каде што сопруг со нож се обиде да ја убие сопругата. Оваа жена беше спасена од нејзиниот татко.

Од организацијата секогаш апелираат да не се премолчува семејното насилство, институциите секогаш на време да реагираат и да се спречат вакви грозоморни настани, како и насилство врз жените.