И по еден месец од смртта на 28 годишната родилка од Свети Николе причините за нејзината смрт се уште се држат во тајност. Извештајот се уште се пишува, информираат денес од Mинистерството за здравство.
Ветувањата дека до крајот на оваа недела целосниот извештај ќе биде готов, не си ги исполни ниту министерот за здравство Венко Филипче, кој минатиот викенд во Штип најави дека најдоцна до денес ќе бидат објавени причините за смртта на првородката Маја Паневска.
Молкот на институциите е причина и за се поголемиот револт во семејството на Паневска. Нејзините најблиски велат дека во изминатиот месец ниту еден од надлежните ги нема побарано, а уште потешко им дошло откако добиле информација дека тие како семејство воопшто нема да го добијат извештајот од обдукцискиот наод.
Младата родилка почина на акушерското одделение во штипската болница, девет часа подоцна откако на свет донесе здраво машко дете тешко 4 килограми.