Хроника 16. декември 2020. / 17:37

Тројца притворени, речиси 100 килограми марихуана пронајдени во автомобил на автопатот Скопје – Велес

Тројца притворени, речиси 100 килограми марихуана пронајдени во автомобил на автопатот Скопје – Велес
илустрација

Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица од Блаце осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Јавно обвинителство на Република Македонија денеска соопшти дека осомничените, на 15 декември, на автопатот Скопје-Велес, неовластено заради продажба пренесувале марихуана во количина од 99,95 килограми.

– Дрогата била сместена во девет црни најлонски вреќи во багажникот и на задните седишта од патнички автомобил бмв. Овластени полициски службеници ги сопреле на наплатна станица при што ја пронашле и ја одзеле марихуаната, се појаснува во соопштението.

Поради опасност од бегство, можност за влијание врз соизвршители заради попречување на истражната постапка и опасност да го повторат кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување на мерката притвор против тројцата осомничени. Судијата го прифати предлогот и на осомничените, стои во соопштението, им определи притвор во траење од 30 дена