Пожарот на планината Готен, кој гори повеќе од две недели меѓу селата Покрајчево и Злеово во општина Радовиш и во поголем дел е ставен под контрола, денескa се прошири кон акумулацијата „Турија“, кон месноста „Железен дол“, во општина Василево, Струмичко, информираат од Шумското стопанство „Беласица“ од Струмица.
–Таму теренот е непристапен и освен интервенција од воздух нема друг начин да се запре ширењето на пожарот – информираат од Шумското стопанство „Беласица“ од Струмица.
Градоначалникот на Василево, Марјан Јанев, потврди дека пожарот се проширил во атарот на општината и упатил барање до Дирекцијата за заштита и спасување за користење на хеликоптери за гаснење на пожарот.
Инаку, според досегашните информации пожарот зафати површина од околу 30 километри, а првичните проценки се дека изгореа над 200 хектари разновидна шума.