Хроника 11. февруари 2020. / 12:07

Помалку од 40 отсто од македонските возачи користат појас, на задните седишта речиси никој

Помалку од 40 отсто од македонските возачи користат појас, на задните седишта речиси никој

Помалку од 40 отсто од возачите користат сигурносен појас, се вели во истражувањето кое го направиле од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Додаваат дека овој процент е уште помал кога станува збор за сопатници на предното седиште кои користат појас, а пак, патниците на задното седиште кои користат појас е приближно еднаков на нула.

– За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90 проценти, а на задните седишта од 60 отсто до 70 проценти и ЕУ ова го смета за „сериозен проблем“, велат од РСБСП.

Истражувањата покажуваат и дека во помалите градови помалку се користи појас во споредба со Скопје и оти кога возачите и патниците патуваат на пократко растојание во населено место помалку користат појас во споредба со патувањата кои се реализираат на подолга дестинација, надвор од населено место. Ваквата состојба, велат од Републичкиот совет, мора да се промени.

– Педесет проценти од возачите кои животот го загубиле на патиштата, загинале поради тоа што не користеле појас, односно истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека сигурносниот појас го намалуваа ризикот од фатални последици при сообраќајна незгода за 50 посто, потенцира претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.

„Стави појас“ е мотото под кое Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја започна кампањата за безбедност во сообраќајот. Ќе се одвива во две фази, првата и почетна фаза ќе опфати повеќе едукативни активности преку електронските и социјалните медиуми. Во втора фаза кампањата ќе опфати повеќе теренски активности како организација на едукативни предавања за учениците и студентите, засилени контроли од сообраќајната полиција, едукативни настани на повеќе јавни места и едукативни акции за дистрибуција на сообраќајно едукативни материјали.

Кампањата ќе биде поддржана од повеќе јавни личности и од општествено одговорни компании.