Во трагичната сообраќајна несреќа што вчера се случи кај селото Ласкарци загинаа 14 лица, меѓу кои студенти, мајки на малолетни деца и млади луѓе.
Сите се од Гостивар или околните села и најголем број од нив се враќале од работните места дома. Загина и пензионерка од Гостивар која била во посета во Скопје и се враќала дома, јави НОВА.
При превртувањето на автобусот загинаа:
Ајден Исмаили, од Гостивар, кој работел како туристички водич
Зоран Давидоски (1981), вработен во Град Скопје од 2011 година на повеќе раководни позиции, а од 2014 бил раководител на Секторот за сообраќај.
Раметула Абдурахими, работел во администрација во Скопје
Јовица Трпевски, 27 години, кошаркар на КК Гостивар
Онур Садику, 19 годишeн студент на Mедицинскиот факултет во Скопје, чие семејство живее и работи во хрватскиот град Пореч
Бесим Камбери, од гостиварското село Сенокос, вработен во Скопје
Бобан Аврамовски, студент на Факултетот за дизајн и мултимедија на ФОН
Павле Костовски, вработен во Организација на потрошувачи на Македонија
Трпана Јаневска, од Гостивар
Валдете Хамити (1989) од Дебреште
Есад Емрули од Гостивар
Бејза Узеири од Бањица
Бесим Фетаи од Врапчиште
Дејан Ристовски, вработен во Народна Банка
Директорот на Институтот за судска медицина, Алекс Станков, кој рече дека во тек е идентификациската постапка, која се врши заедно со МВР и утре би требало МВР да има официјална листа на загинати патници, официјално потврдена со идентитет.
Причините за несреќата се уште се утврдуваат.
Автобусот се подигна со кран, по што ќе се носи во касарната во „Ѓорче Петров“, каде што ќе продолжи увидот и ќе се изврши вештачење.
На местото на несреќата инспекторите претпладнево вршеа увид и ги обележуваа трагите на кочење.
Се очекува во текот на денот или утре јавното обвинителство да соопшти повеќе детали за несреќата.
Автобусот тргнал вчера по 16 часот од Скопје за Гостивар. Несреќата се случи околу 17 часот во близина на селото Ласкарци, во околината на Сарај. Според изјави на преживеаните патници, возачот на автобусот во еден момент изгубил контрола, по што автобусот преминал на другата страна на автопатот, ја пробил оградата и се превртел неколкупати. Автобусот падна во дол длабок 10 метри, каде има и објекти.
Автопатот е пуштен за сообраќај, но се уште е затворен за сообраќај стариот пат Скопје –Тетово, информира Авто-мото сојузот на Македонија.