Хроника 30. март 2020. / 13:15

Охриѓанка казнета со 2.000 евра затоа што не седела дома по враќањето од Швајцарија

Охриѓанка казнета со 2.000 евра затоа што не седела дома по враќањето од Швајцарија

Основното јавно обвинителство – Охрид, до надлежниот суд достави предлог за изрекување казна во висина од 2.000 евра за охриѓанка, која не спровела задолжителна самоизолација по враќање од странство.

– Обвинетата на 18 март, допатувала од Швајцарија-земја со високо ниво на ризик. Иако, на граничниот премин Меѓународен Аеродром-Скопје потпишала изјава, постапила спротивно на  наредбата на Министерот за здравство и Одлуката на Владата на Република Македонија за мерки за спречување на внесување и ширење на корона ворусот Ковид-19. Наместо да спроведе задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена на адресата дадена во изјавата, излегла од своето престојувалиште и се упатила во непознат правец. На 20 март, при контрола извршена од страна на полициски службеници, обвинетата не била пронајдена во престојувалиштето со што го сторила кривичното дело што и се става на товар – информираат од ОЈО.

Обвинителството, му предложи на судот на обвинетата да и биде изречена кривична санкција, парична казна во висина од 100 дневни глоби во вредност од 20 евра за една дневна глоба, односно вкупно 2.000 евра и да ја задолжи со трошоците на постапката.​

Обвинетата се товари за сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, предвидено и казниво во чл. 206 ст. 1 од Кривичен законик.