Основното јавно обвинителство од Велес поднесе обвинение против едно лице кое се товари за сторено кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, како и за кривично дело „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.
Како што се наведува во соопштението, осомничениот на 05. март годинава, на регионалниот пат Велес – Градско, управувал автомобил марка „фолксваген шаран“, со неприспособена брзина на условите на патот.
На тој начин осомничениот, како што велат од обвинителството, го загрозил јавниот сообраќај така што ги довел во опасност животите на останатите учесници.
Имено, во услови на дождливо време и влажен коловоз, а при стемнување, тој не ја намалил брзината на движење, при што нејасно забележал дека на коловозот во лежечка положба се наоѓа едно лице во алкохолизирана состојба. Осомничениот се обидел да заобиколи, но не успеал и налетал на човекот, нанесувајќи му тешки повреди.
По настанот, несовесниот возач го оставил повреденото лице без помош и заминал во правец кон Гевгелија. Нанесените повреди кај оштетениот довеле до загуба на крв и нарушување на работата на витални органи, што резултирало со смртен исход.