Хроника 26. јули 2018. / 18:48

Нема потерница по третоосомничениот за убиството на Саздо!

Нема потерница по третоосомничениот за убиството на Саздо!

Никој не го бара 19 годишниот Ј.Љ. третоосомничен за свирепото убиство на Никола Саздовски Саздо. Течел законскиот рок за обвинителството да распише централна и меѓународна потерница велат од ОЈО за Алфа.

„За да се обезбеди законска имплементација на распишувањето на потерница и идната екстрадиција да е легитимна за водење на натамошна постапка, има потреба да се обезбеди писмено известување дека конкретниот осомничен кој сега е осомничен за кривичното дело ‘убиство извршено на свиреп начин’ е недостапен. По добивање на писменото известување за недостапност на осомниченото лице, надлежниот јавен обвинител веднаш ќе распише домашна и меѓународна потерница“ – информираа од ОЈО за „Алфа“.

Зошто обвинителството досега не ги обезбедило писмените известувања од судот, нема одговор. Уште понејасно е што обвинителство чека МВР писмено да ги извести кога со истрагата за убиството на Саздо раководи токму обвинител и дава наредби и насоки за полицијата да обезбедува докази. Саздо беше претепан до смрт на 29 јуни. Критичниот ден полицијата ги уапси Скендер Д. (19) и Бесир Б. (20), двајцата од Скопје, а Ј.Љ. избега.

Осомничените прво се гонеа за кривично дело насилство со смртни последици, но пред 10 дена обвинителството го преквалификува делото во „убиство на свиреп начин“. Јавноста и навивачката група „Комити“, чиј член беше Саздо гневни поради неправедната судбина на младиот скопјанец протестираа сомневајќи се дека некој свесно прави пропусти за да ги заштити свирепите убијци, пренесе „Алфа“.