Убиствата на жените предизвикани од семејно насилство може да се спречат со навремено препознавање на ризикот за што е потребна посветена меѓуинституционална работа, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која денеска присуствуваше на презентацијата на анализата на случаи на фемициди, односно убиства на жени во Македонија.
Според анализaта, дури 80 отсто од убиствата на жени во Македонија се извршени од интимни партнери или машки членови на семејството.
„И покрај ваквите податоци, во Македонија фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во Кривичниот законик и се регистрира како секое друго убиство. Затоа, ова не е прашање и одговорност само на една институција, туку е национално прашање што треба да иницира менување на Кривичниот закон и носење закон за родово базирано насилство“, изјави министерката Царовска.
Министерката истакна дека МТСП ги направило првите чекори во борбата против родово заснованите убиства иако државата е на самиот почеток на овој процес.
„Во изминатата една и пол година МТСП повторно ги активира четирите регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а ја прошири и дејноста на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци“, истакна Царовска.
Таа потсети дека во соработка со граѓанскиот сектор во функција се ставени Центарот за лица жртви на семејно насилство, Кризниот центар 24/48 часа и националната мобилна СОС-линија. Министертвото инвестира и во објект каде што ќе биде сместен Центарот за советување на жртвите на насилство во општина Куманово. Исто така, отворени се центри за жртви на сексуално насилство во состав на здравствените установи во Куманово, Тетово и во Скопје.
Аналзата на случаи на фемициди ја подготви Националната мрежа против насилство врз жените и семејсно насилство со поддршка од УНДП.