МВР после неколку дена го идентификуваше и вториот од двајцата насилници кои на видео објавено на Твитер се гледаше како се закануваат со сечење глави и топење на граѓани во киселина, откако тие беа замолени да стават маски додека се возат во автобусите на ЈСП.
Вчера беше објавено дека првиот насилник, и претходно имал „проблеми“ со вработени во ЈСП, па така пред година и пол, претепал контролор на ЈСП кој му напишал казна за неплатена карта.
Од МВР официјално велат дека лицето е идентификувано и дека по него се трага. Во полициска станица завчера заврши и другиот кој учествуваше во инцидентот.
За време на инцидентот тие се закануваат дека останатите патници не знаат со кого си имаат работа, како и дека ќе ги заколат, ќе сечат глави и ќе ги стават во киселина.
– Ќе треба на некого главата да му ја сечам. Не се занесувајте. Ќе те носам и во киселина ќе те ставам. Ти не знаеш со кого си имаш работа. Што ако не е станица, овде јас кажувам. Ние сме верници, вие сте неверници и не знаете со кого имате работа, зборуваат на видеото објавено на социјалните мрежи двете лица.
На видеото се гледа како едниот од нив удира по држачите во автобусот и прашува дали овој шоферот има станица, на што останатите патници му укажуваат дека автобусот ќе застане на станица.
Но, на тоа тој возвраќа дека и државата и полицијата ќе работат за него и тој тука кажувал кој каде треба да застане.
– Има станица или нема овој шофер. И држават и полиција ќе работат за мене. Не знаеш ти со кого имаш работа. Ако не е станица, јас овде кажувам, се заканува еден од пријавените.
Според за сега неофицијалните информации двете лица кои се закануваат ја нападнале и девојката кога ги снимала и го обелодени заканувањето кон патниците.
Не се знае точно кога е направено видеото. Се уште се очекуваат официјални информации и од ЈСП и од МВР.
Ај да ги направиме познати МОРОНИВЕ! Жена во години им вели да стават маска, тие ја тепаат! Се закануваат на пола автобус дека ќе му сечат глава и дека ќе ги ставаат во киселина! На крај ја напаѓаат девојката која снима! #ПодМачБато pic.twitter.com/TqDsXilg8s
— Charles Boycott (@JohnnyParka) January 8, 2021