Хроника 07. август 2019. / 15:10

Кавадарци: За три години откриени над 300 диви водокорисници

Кавадарци: За три години откриени над 300 диви водокорисници

За три години над 300 диви водокорисници се откриени во Кавадарци, некои си наводнувале и лозја со вода за пиење.

Оваа информација за МИА ја потврди Ѓорѓи Поп Ицов, директор на Јавното претпријатие ,,Комуналец”.

Сите кои краделе вода, биле санкционирани.

Станува збор за крадци на вода кои земале вода без таа да помине низ водомер. Ја злоупотребувале за базени, вадење бавчи па и лозја, рече директорот, нагласувајќи дека во моментов трите општини кои носат вода 50 километри од под планината Кожуф, имаат доволно вода за пиење. Иако, како што додаде, Кавадарци бележи 20 проценти зголемена потрошувачка на вода периодов, поради горештините.

Особено зголемена потрошувачка имаме во периодот од 18 до 21 часот, кога се трошат и до 300 литри во секунда. Општо земено, во земјава, по глава на жител, се троши многу повеќе вода отколку во развиените земји – рече Поп Ицов.

Тој апелираше до кавадарчани водата за пиење да ја трошат крајно рационално и да пријавуваат дефекти или кражби на вода. Нивни екипи се на терен и откриваат злоупотреби на водата.