Основното јавно обвинителство Велес отвори истрага против седум лица од Струмица на возраст од 19 години до 25 години и тоа против едно лице на возраст од 24 години за обид за убиство, против едно лице за истото кривично дело како поттикнувач и против пет други лица во својство на помагачи при извршување на кривичното дело.
На 1 мај, пред хотел во Стар Дојран дошло до вербална расправија помеѓу двајца од осомничените кои биле во алкохолизирана состојба и двајца вработени во хотелот. Расправијата преминала во физичка пресметка. На вработените во хотелот им се придружило уште едно лице, додека двајцата сега осомничени повикале уште пет други лица да дојдат во хотелот, бидејќи имаат проблем. Во еден момент сите осомничени го заобиколиле оштетениот кој им помагал на вработените во хотелот. Додека оштетениот му бил завртен со грб, еден од осомничените со нож му нанел две убодни рани во пределот на горната десна страна од грбот и една убодна рана во средината на градниот кош.
Од извршената анализа на алкохол во крвта е констатирано дека осомничениот во тој момент бил во алкохолизирана состојба во која самиот се довел со количина од 1,69 промили алкохол во крвта.
Имајќи ја предвид тежината на стореното кривично дело и запретената казна, Основното јавно обвинителство Велес оцени дека постои можност осомничениот кој директно го извршил делото да избега или да го повтори кривичното дело. Исто така, бидејќи останатите осомничени му се блиски пријатели, а едниот му е брат, веројатно е дека може да врши и влијание врз нив со кое ќе го попречува водењето на истражната постапка. Затоа Основното јавно обвинителство Велес до Суот поднесе предлог за определување мерка притвор за ова осомничено лице, додека за останатите осомничени е предложено да бидат определени мерки на претпазливост.