Хроника 15. мај 2020. / 09:56

Двeтe убиства на жени се знак дека системот потфрла во справувањето со семејното насилство

Двeтe убиства на жени се знак дека системот потфрла во справувањето со семејното насилство

Двете убиства на жени што се случија за неполни две недели се знак дека системот потфрла во справувањето со семејното и родово базираното насилство, реагира Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Мрежата против семејно насилство реагира на убиството што се случи пред две недели кога 40-годишен арачиновец ја уби својата сопруга и на убиството што на 10 мај го изврши 27-годишник во Скопје кој до смрт ја претепал жената со која живеел.

Организацијата ги повикува министерствата за внатрешни работи и за  труд и социјална политика, како и Основното јавно обвинителство итно да ги расчистат случаите и да покренат соодветни постапки против сторителите на убиствата.

За неполни две недели во нашата држава бележиме два фемициди, што укажува на апсолутната и итната потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици. Фемицидот е најекстремната форма на насилство врз жените и девојчињата и во најголем број случаи е последица на континуирано повеќегодишно семејно или интимно-партнерско насилство, и за жал, често застапен и во порите на нашите семејни заедници и општествениот систем во целост – наведуваат од Мрежата во својата реакција, нагласувајќи дека постојано предупредува за зголемениот ризик од семејно насилство и интимно-партнерско насилство во услови на криза.

Оттаму апелираат за итно и приоритетно постапување во случаите на насилство врз жени и деца од надлежните институции и очекува кривична пријава и гонење на сторителот согласно законите и Истанбулската конвенција.