Хроника 16. декември 2018. / 21:41

1ТВ: Министерот Филипче ги посети повредените – тие раскажуваат за ужасот

1ТВ: Министерот Филипче ги посети повредените – тие раскажуваат за ужасот

Министерот за здравство Венко Филипче пристигна во Лесковац и за 1ТВ изјави дека штотуку го завршил состанокот со директорот на болницата во Лесковац, Небојша Димитријевиќ, кој детално го информирал за состојбата на повредените македонски државјани.

Филипче потсети дека во болницата во Лесковац моментално се сместени 8 пациенти и ниеден од нив не е во животна опасност. Сепак, остануваат на опсервација додека не се подготвени за транспорт – шестмина од нив веројатно уште 2 или 3 дена, а останите од 5 дена до една недела поради посериозни повреди.

Директорот на лесковачката болница, Небојша Димитријевиќ, во изјава за 1ТВ информира дека според последните информации, пациентите што се во неговата болница не се во животна опасност, но остануваат на опсервација. Тој најави дека нивната состојба ја следат хирурзи, ортопед и анестезиолог, како и дека дел од нив ќе бидат оперирани доколку не престане крварењето. Според Димитријевиќ, дел од пациентите што се во болницата во Лесковац, можеби веќе утре или задутре ќе бидат пратени во болница во Скопје, а другите сепак ќе останат на опсервација, но веројатно уште 5 дена.

Според сведоштвата на дел од полесно повредените, глетката била страшна. Речиси сите спиеле и многу малку виделе.

Една жена раскажува дека некој ѝ помогнал, но и тој бил повреден, со скршени ребра, а сега бил шиен на повеќе места. Друг повреден пред камерата на 1ТВ изјави дека спиел во моментите пред несреќата.

-Автобусот почна да оди од лево на десно и се излизга. Наеднаш се превртел и излетал. Што можевме помогнавме. Додека раните беа топли и тазе, не чувствувавме болка, но набрзо почнаа болките. Многу луѓе беа повредени, вели еден од повредените.

-Бев како во кома, шокирана. Кога дојдов во болница, ми течеше крв од носот, главата ме боли. Имаше многу луѓе потиснати и внатре и надвор. И под столици и под автобусот. Беше страшно, се потсетува една жена што исто така е полесно повредена.

-Што можевме помогнавме. Речиси на ништо не се сеќавам. Имаше едно бебе и едно дете, но колку што знам и двете се добри, раскажува еден млад човек кој се потсетува дека се обидел да им помогне на сопатниците во автобусот.