Вкупно 29,7 милиони денари е новото зголемување за Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година, со што Владата на денешната седница ги зголеми субвенциите на 79 милиони денари.
Со измената предвидени се дополнителни пет милиони денари за субвенции за сончеви колектори, 14,7 милиони денари субвенции за ПВЦ или алуминиумски прозорци и дополнителни 10 милиони денари за субвенции за печки на пелети. Од вкупните 30 милиони денари за печки за пелети,15 милиони денари ќе бидат наменети за баратели со ниски примања (ранливи потрошувачи) и истите ќе имаат предност при доделувањето на субвенциите. Останатите 15 милиони денари ќе бидат доделени на начинот опишан во програмата и јавниот оглас.
Владата ја разгледала и ја усвоила информацијата за отпочнување со реализација на проектот Изградба на дел од фекална канализација за Индустриска зона Визбегово во Општина Бутел.
– Министерството за транспорт и врски информираше дека по завршување на процесот на урбанизација на индустриската зона Визбегово, отпочнаа и веќе се во тек работите на водоводна мрежа, а сега се обезбедени и документацијата и средствата за изградба на дел од фекална канализација. Рокот за изведба на планираната канализација изнесува околу 14 месеци – се наведува во соопштението на Владата.
На седницата, прифатена е иницијативата за формирање Работна група за координација и следење на развојните проекти во Преспанскиот регион, кои беа најавени со потпишувањето на Договорот со Република Грција, за кои се предвидени неколку десетици милиони евра од ИПА и од фондовите на ЕУ за прекугранична соработка.