Економија 13. август 2020. / 16:15

Земјоделците ќе учат како онлајн да си го продаваат производството

Земјоделците ќе учат како онлајн да си го продаваат производството

Вкупно 120 земјоделски производители од општините од Источниот плански регион ќе се обучуваат за користење на дигиталната опрема и на алатките за електронско работење, преку проект што го спроведува здружението за рурален развој „Јавор“ од Зрновци.

Целта на проектот е земјоделците што побрзо и поефикасно да се прилагодат кон новонастанатите пазарни и економски услови на работење предизвикани од пандемијата со коронавирусот.

-Нашите конкретни цели се подобрено и ефективно работење на фармерите преку користење на дигиталната технологија и на ИКТ алатките заради организирање и планирање на онлајн продажба на земјоделските производи и за градење на комуникациски канали до потрошувачите. Исто така, сакаме да обезбедиме директна техничка, материјална и психо-социјална поддршка за идејни решенија за остварување дополнителни приходи во социјално загрозени земјоделски семејства, истакна Жаклина Голчева, претседател на здружението „Јавор“.

Покрај директните обуки на земјоделците, резултат од проектот ќе биде и регистрирањето на десет е-продавници за земјоделски производи, а ќе се креираат и пет веб страници на земјоделски здруженија и задруги. Исто така, ќе бидат поделени 110 наменски пакети на социјално загрозени земјоделски семејства, а ќе се обезбедат репроматеријали за 33 економски најзагрозени земјоделци.

Рокот за реализација на проектот е до крајот на годината, а финансиската поддршка е обезбедена од буџетот на Владата. Од здружението „Јавор“ ги повикуваат сите индивидуални земјоделци и земјоделски здруженија од општините од Источниот плански регион да се пријават за соработка и учество во проектот.