Премиерот Зоран Заев денеска во Дојран присуствуваше во акција на чистење во пресрет на туристичката сезона.
Тој на новинарско прашање, дали предлогот на претседателот Ѓорѓе Иванов за реизбор на Димитар Богов за гувернер на НБРМ, ќе биде поддржан од парламентарното мнозинство, одговори:
-Со претседателот Иванов имав состанок крајот на март, каде што претседателот ми кажа со кој разговара, со кој има намера да разговара. Знаат граѓаните дека предлагач на гувернерот е претседателот, а парламентарното мнозинство го бира. Во тој момент заклучивме дека треба тој да разговара прво со актуелниот гувернер Богов, за да види дали ќе прифати. Ако прифати Богов и претседателот одлучи да го предложи, би ми соопштил мене за да разговарам со парламентарното мнозинство, изјави Заев, кој додаде дека за одлуката слушнал од Собранието и од медиумите и немале втор разговор.
-Јас одржав координација со парламентарната група и таа не го прифаќа кандидатот Богов за нов гувернер. И побарав веднаш средба со претседателот Иванов. Се надевам дека брзо ќе се видиме, веројатно во понеделник, за да можеме да усогласиме став затоа што до крајот на мај треба да се избере гувернер – рече премиерот.
Заев верува дека по пат на кохабитацијата и дијалогот којшто го имаат ќе се изнајдеме решение.