Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и министерката за финансии, Нина Ангеловска, со различни толкувања за состојбата на Буџетот кој се повеќе е под потенцијален економски шок поради состојбата со корона вирусот.
Додека министерката за финансии, Нина Ангеловска, тврди дека буџетот е во одлична кондиција, а властите дека се подготвени да се справат со евентуален шок поради корона вирусот, довчерашниот нејзин шеф, Зоран Заев од друга страна тврди дека на буџетот му недостасуваат 1,3 милијарди евра за да преживее.
Се поставува прашањето, кому граѓаните да веруваат, каква ќе биде наплатата на приходите во овие моменти на криза?
-Ќе надохнадиме 30% ако обезбедиме кредити во износ повеќе од 1,2 милијарди евра, а во моментот на пазарот на кредити ни се нуди не повеќе од 600 милиони евра кредити. Еве и да ги обезбедиме тие милијарда и двеста милиони евра од кредити, но за да ги обезбедиме останатите 30% проценти, мора да кратиме, мора да штедиме, порача Заев во средата.
И додека Заев вели дека мора да се штеди, предложувајќи и намалување на платите на минимум на администрацијата, министерката за финансии смирува дека буџетот е во одлична кондиција.
-Има фискален простор за да се справиме со евентуален потенцијален економски шок што би можел да настане поради коронавирусот. Во позиција сме да реагираме во секој поглед. Буџетот е во одлична кондиција, одлична е и реализацијата на приходната страна, а раст има и кај сите даноци, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска, во гостување на Топ Тема.