Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети кои попладнево ја објавија старо-новата коалиција се согласиле за неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа и за проверка на потеклото на парите на функционерите.
Без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен и кој ќе ги земе предвид и најдобрите европски практики. Постои согласност да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власт, но и да се намалат привилегиите на функционерите, рече Заев.
И Ахмети рече дека едно од приоритетните прашања за оваа коалиција се реформите во судството.
Ако се забарикадираме сите во своите позиции никогаш нема да успееме да пронајдеме решение за доброто на граѓаните. Барикадирањето и минатото треба да остане зад нас. Сметам дека целта е постигната за да се испрати порака до граѓаните на Република Северна Македонија, дека сме еден чекор напред во довербата помеѓу нашите заедници, рече Ахмети.
Деведесет и осум отсто од носителите на функции во ДУИ се нови лица, а само јас и Талат Џафери сме од од стариот пратенички состав, рече Ахмети одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата за корупција на кадрите на ДУИ.