Економија 13. септември 2019. / 14:26

Заев држи лекции по претприемништво

Заев држи лекции по претприемништво

Иднината е во развивањето и менаџирањето на талентот, на човечкиот капитал и затоа посветено работиме на поддршка на иновативното претприемништво, изјави премиерот Зоран Заев, кој на покана на организаторот, денеска со свое обраќање го отвори првиот Балкански самит на претприемништво.

На самитот присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, евроамбасадорот Жбогар, како и членови на бизнис-заедницата и на дипломатскиот кор во државата.

Стравот долго време ја парализираше оваа држава. Решивме храбро да се соочиме со предизвикувачки одлуки, за да дојдеме токму до вакви моменти – настани во кои ќе зборуваме за бизнис-идеи, за предизвици да се изгради нов бизнис и да се биде успешен и истраен во таа мисија. Знаејќи дека најголем предизвик на иднината ќе биде развивањето и менаџирањето на талентот – човечкиот капитал, ние посветено работиме на зголемување на продуктивноста преку инвестирање во образование, знаење и вештини, паметна специјализација и дуално образование, истакна Заев.

Премиерот се осврна и на владините мерки за поддршка на креирањето нови бизниси и инвестиции во човечкиот капитал.