Ветувањата за зголемување на пензиите за 20% , ќе значи зголемување на стандардот на пензионерите, затоа што голем дел од нив имаат минимални пензии и затоа што во изминатите три години усогласувањето на пензиите беше најниско во последните 15 години. Ова во изјава за Лидер го вели Драги Аргировски кој во изминатиот период беше на чело на Здруженијата на сојуз на пензионери.
Проблем во изминативе три години беше тоа што зголемувањето на пензиите беше многу ниско и тоа беше најниско усогласување на пензиите во последните 15 години. Овие ветувања за 20% зголемување на пензиите секако се одлични вести и секако тоа не треба да бидат популистички мерки, туку зголемувањата да бидат реални, во согласност со зголемување на платите и во растот на животниот стандард. Во измнинатите три години ја немавме таа динамика на зголемување, а во Макеоднија од 320 илјади пензионери 200 илјади имаат пониска пензија од просечната плата, а 100 илјади пензионери имаат пензија од 9000 денари изјави Драги Аргировски , кој во изминатиот период беше на чело на Здруженијата на сојуз на пензионери.
Експертите и бизнисмените велат дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ за следните предвремени парламентарни избори во делот на економската политика, е амбициозна и сериозна која може да се оствари и не изгледа како желботека. Претседателот Христијан Мицкоски во Програмата најави повисоки плати за граѓаните за 25 проценти, зголемување на пензиите за 20 проценти односно над 3.000 денари, повеќе инвестиции, најави рамен данок кој ќе падне до 8 проценти, драстично намалување на невработеноста под 10%, ослободување на персоналец за вработување на млади до 29 години.
Економистите велат ако има солидна економија, платите може да растат со ова темпо. Горан Рафајловски вели дека ова зголемување е реално остварливо за еден мандат.
Ако секоја година има покачување на плати за 5% на пример, ќе се сврти кругот на инфлацијата, но од друга страна ќе има сериозно зголемување и на потрошувачката. Зголемувањето на платите треба да има и во администрацијата и во приватниот сектор, а тоа за еден мандат ќе значи подигнување на општата економија. Краткотрајно ќе биде лошо за бизнисот, но долготрајно ќе биде исклучително позитивно, бидејќи ќе има зголемување на потрошувачката, вели Горан Рафајловски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека програмата предвидува целосно напуштање на концептот на прогресивен данок и воведување рамен данок до 8 проценти.
Ќе стартуваме од 10%, од кој за 1% ќе имаме намалување во првите 100 дена, што значи рамен данок од 10 на 9%, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8%, рече Мицкоски.
Во однос на намалувањето на рамниот данок, Рафајловски вели дека самата промена од рамен во прогресивен данок во изминатиов период ѝ нанесе огромна штета на македонската економија, затоа што беше избрзано и непромислено, а последиците ќе се чуствуваат и во иднина затоа што многу од ИТ-фирмите се преселија надвор од Македонија. И во западноевропските земји, вели тој, нема кој не се обидува да ги сокрие давачките од прогресивниот данок и затоа е подобра политиката на рамен данок. За натамошно намалување, потенцира, дека треба да се направат сериозни пресметки во Буџетот.
Тој вели дека секоја идна влада треба да се занимава и со проблемите како сивата економија и недостатокот на работна сила.
Со сивата економија губиме сите. Оние кои не плаќаат данок ги уништуваат останатите бизниси и на крај губат сите. Школо е потребно и за тие што плаќаат данок и за тие што не плаќаат, а вие имате 40% од бизнис кој не плаќа на државата и за тоа треба едукација, вели Рафајловски.
Во однос на работната сила, вели дека за кратко време ќе треба да увезуваме, затоа што Македонија се соочува со енормно иселување.
Не се согласувам со податоците дека невработенсота е 17%, мислам дека е многу помала, вели Рафајловски, кој потенцира дека под итно треба да се направи попис и врс основа на податоците да се гради стратегија за образование и бизнис. Нè чека многу работа доколку сакаме да ја зачуваме државата, заклучува тој.
За подобра бизнис-клима дијалог со бизнис-секторот наместо сувопарна статсика
Како ги оценуваат економските мерки на ВМРО ДПМНЕ, консултиравме и бизнисмени. За нив позитивни се мерките за намалување на рамниот данок и мерката за нула персонален данок за млади до 29 години што ќе значи ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кои имаат годишен нето-приход до шест и пол илјади евра.
Вака конципираната мерка значи дека тоа е околу 550 евра месечно нето-плата, што за млади е прилично добра работа. Така што, тие две мерки се добри и позитивни, бидејќи ако нема персоналец, тоа значи секоја фирма ќе е ослободена од тој товар, а тоа нема да биде фирма што е во ТИРЗ-овите на пример, велат бизнисмените.
Добра според нив е и мерката за изградба на мрежа на извозни промотори за домашните извозни компании и промотори за привлекување на странски директни инвестиции.
Тоа значи процесот на промоција да се врати како порано. Ако како држава сме присутни во промоција на можностите за инвестирање, тоа е позитивно бидејќи најголем дел од компаниите кои се дојдени во последниот период или дошле заради претходните контакти кои ги оствариле промоторите или дошле врз основа на нивна анализа на регионот. Значи да се продолжи процесот на промоција на државата која ќе придонесе кон поголемо запознавање на државата да некој може да дојде и да инвестира, велат тие.
Мицкоски најави дека во Програмата се предвидува Македонија да се искачи во Топ 10 на листата на „Дуинг бизнис“, каде што последните години се забележува пад, но и на листата на Форбс. За бизнисмените тоа треба да значи општо подобрување на бизнис-климата.
Тоа е општо подобрување на бизнис-климата и подобрување на услови за водење бизниси и поголема локална конкурентност. Тоа значи дека не е работата колкава е статистиката, туку да има реално видливи работи, што значи дека треба да има дијалог со бизнис-секторот и адресирање на проблемите или потешкотиите со кои се соочуваат компаниите.
На пример, ако Советот на странски инвеститори излезе со „Бела книга“ со икс прашања или некоја асоцијација, тоа значи дека тие работи треба да се направат во интерес за поголема конкурентност. Тоа секако придонесува и за домашните и за странските компании, но и за влез на нови компании, велат бизнисмените.
Освен зголемувањето на платите, пензиите, рамниот данок, намалување на невработеноста под 10 отсто, нула персонален данок за млади до 29 години, Мицкоски во новата програма најави отворање на иновациски центри, бизнис-инкубатори и акцелератори, научни и технолошки паркови за младите и креативните луѓе и нивна целосна поддршка во реализација на нивните бизнис-идеи.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија нов модел на реиндустриализација, што значи нов економски модел кој ќе биде базиран на модерна реиндустријализација.
За таа цел планираме да понудиме конкретни мерки за поддршка на домашните компании во нивното технолошко и организациско унапредување, реформа на Македонската банка за поддршка на развојот во Македонско извозно развојна банка која ќе обезбеди поволни кредити и извозна поддршка за домашните компании и субвенционирана камата за развој, ќе ја редефинираме програмата за странски инвестиции со цел привлекување на компании со најголем потенцијален бенифит за македонската економија, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави нови четири милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат, односно повеќе поддршка од државата за домашната економија и компании и привлекување на странски директни инвестиции преку реформиран модел кој ќе биде привлечен за светски големи компании.
Можам да кажам дека веќе водиме разговори со неколку големи европски компании кои се одвратени поради корупцијата, беззаконието и лошата бизнис-клима во овие три години да инвестираат во државата. Чекаат и тие поволна клима по 12 април да започнат со инвестирање, рече Мицкоски и најави раст на БДП за минимум 4% годишно.
Најави повеќе од 90% реализација на планираните капитални државни инвестиции годишно, внимателно планирање и испорака на тоа што е испланирано.
Сега имаме историско најниско ниво кое се движи околу 69 проценти и тоа по ребалансот на буџетот. Над 90 проценти реализација на капитални државни инвестиции подразбира повеќе работа во градежништвото, повеќе работа во трговијата и повеќе бизнис за претприемачите, рече тој.