Економија 16. октомври 2019. / 20:14

За Анѓушев минималната плата е добро одмерена, за опозицијата е вештачка и нереална мерка

За Анѓушев минималната плата е добро одмерена, за опозицијата е вештачка и нереална мерка

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека мерката за зголемување на минималната плата е добро одмерена и договорена со сите социјални партнери. Тој денеска повтори дека минималната плата во државата не се разликува од оние во регионот и оти таа е заштитен механизам за оние работници кои немаат избор на пазарот на труд.

– Секоја држава како заштитен механизам воведува минимална плата. Во нашата држава, минималната плата не се разликува многу од минималните плати во околината. Но, од друга страна мора да се заштитат сите оние кои немаат избор во работата, а реалната состојба на терен е дека таа минимална плата практично е мала за работниците кои имаат капацитет да понудат знаење. Реалната состојба е дека работници за индустријата нема. Сите индустриски капацитети имаат проблем со наоѓање на работна сила така што цениме дека мерката е добро одмерена, изјави Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања во Клубот на пратениците.

Додаде дека ова е и еден од начините да се задржат граѓаните да не ја напуштаат државата.

– Ние го имаме проблемот со заминувањето на нашите млади од државата и тоа не е проблем само кај нас, туку и на целиот регион. Не смееме да бидеме контрадикторини, туку да бидеме доследни. Од една страна, викаме што ќе направиме за да ги задржиме граѓаните во нашата држава, а еден од начините да ги задржиме е да им обезбедиме подобри услови за живот. Еден од подобрите услови за живот е да имаат и подобри лични примања така што доколку сакаме да биддме посветени мораме да правиме вакви мерки за да обезбедиме подобар живот за граѓаните, рече Анѓушев. 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак истакнаа дека  зголемувањето на минималната плата е вештачко и нереално

Зоран Заев и Љупчо Николовски три години ја уништуваат економијата, резултатот од тоа е видлив денес во август 2019 во споредба со август 2018 година прометот во индустријата е намален за 6.6%. Индустријата оди надолу, оди надолу и економијата, доказ за тоа е и падот на работници во индустријата во јули 2019 година, во однос на јули 2018 година за 2.5% или на 100.000 работници имаме 2.500 работници помалку. Кога економијата тоне заради неспособноста на власта, зголемените даноци и давачки, зголемената акциза, криминалот и корупцијата државата тоне, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Покачувањето на минималната плата е вештачко и нереално. Додека власта на хартија ја зголемува минималната плата во реалноста работниците ги враќаат парите на рака на газдите. Нивото на капитални инвестиции е катастрофално ниско. За цели осум месеци од годината се реализирани само 28% од годишно предвидените инвестиции. И додека инвестиции нема, задолжувањето рапидно расте. Јавниот долг за првпат во историјата е над 5 милијарди евра. Македонија има потреба од нови мерки и проекти кои ќе ја придвижат економијата напред. Македонија има потреба од реален развој. Со СДСМ тоа не е можно, соопштуваат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ