Економија 02. август 2018. / 11:11

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на Заев секој ден ја задолжува земјата по 300.000 евра

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на Заев секој ден ја задолжува земјата по 300.000 евра

СДСМ со апсурдното соопштение ги убедуваат граѓаните дека економијата цвета, а всушност само денеска ја имаат задолжено Македонија за нови 300.000 евра, наведуваат во реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, толку изнесува дневното задолжување изминативе три месеци или вкупно за вториот квартал, како што велат, Заев ја задолжил Македонија за нови 30 милиони евра. Покрај тоа од партијата предупредуваат дека капиталните инвестиции се на најниско ниво во изминативе 15 години, што е повеќе од јасен показател дека власта парите на граѓаните ги троши само за луксузирање.

„Неспособноста на Владата на СДСМ за овие 14-тина месеци излезе на виделина. За ова доказ се катастрофалните бројки. За последниот квартал, БДП бележи раст од само 0,1%. За реализација на капиталните инвестиции од бедни 16,65% мора да има и одговорност“, се истакнува во партиското соопштение, во кое се додава и дека оправдувањата на владата на Зоран Заев дека проектите наводно не чинеле, се банални и смешни бидејќи ја има власта повеќе од една година.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат и дека економијата во земјава стагнира и е со најниска стапка на раст во регионот и пошироко.

„Растот на индустриското производство е уште еден доказ за добрите економски политики на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ефектите од креирањето бизнис-клима во којашто странските инвеститори би биле мотивирани да работат во ТИРЗ“, велат од партијата.

Додаваат и дека откако СДСМ е на власт граѓаните осиромашуваат, и се обидуваат да состават крај со крај, па токму поради тоа повикуваат да му се стави крај, на како што велат, економскиот пустош спроведен од актуелната влада.