Десетици милиони евра расипнички се фрлаат за Зоран Заев да го покрие капитулантскиот договор и да го оправда прифаќањето на грчките линии. Граѓаните сами ги плаќаат со десетици милиони евра манипулациите на Заев со кои се обидува да ги убеди дека е добро да се самоукинат и да ги сменат името, идентитетот, културата, традицијата и историјата кои ги наследиле од нивните претходници, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Власта не запира со расипништвото. СДСМ вчера ја задолжи државата за нови 57 милиони евра.
Владата се расфрла и купува гласови со пари на граѓаните, а веќе стигнуваат ратите за исплата од кредитите кои истите ги позајми пред година дена.
Милионите, задолжување се редат, а во реалноста не гледаме каде завршуваат парите. Нема проекти. Капиталните инвестиции се на децениско најниско ниво од 21.33% за првите 7 месеци од годината.
Никој во државата не знае на што се трошат милионите позајмени, за кои годишно плаќаме огромни камати.
Со СДСМ на власт, јавниот долг за првпат во историјата на државата надмина 5 милијарди евра, а државниот 4 милијарди.
Доколку ова темпо продолжи на среден рок се доведува ликвидноста на државата во прашање.
Додека задолжувањата растат, реалниот сектор тоне. Граѓаните имаат се помалку пари, трошоците за живот се зголемуваат, а стандардот паѓа.
Земјоделието како една од гранките од која егзистираат десетици илјади семејства е на колена, откуп нема, а производителите на разни култури не знаат дали ќе имаат средства да ја поминат годината.
Градежништвото како клучен сектор е на колена, а со него и 20-тина пропратни гранки.
Целата економија е закочена и затоа директен виновник е Заев. СДСМ година ипол покажа како не треба да се управува државата. Колку побрзо си заминат, толку штетите ќе бидат помали, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.