Ако СДСМ продолжи со ова темпо да ги вработува ќерките, синовите, мајките, браќата, тетките, стрините и останатите роднини, на високи позиции во државната администрација, просечната плата веројатно ќе продолжи да расте, но право пропорционално со тоа ќе осиромашуваат граѓаните и државата, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Костадин Костадинов.
– Платите во државата растат, но само за роднините на функционерите од власта, за сите други паѓаат. Трошоците за живот од месец во месец се се повисоки, а граѓаните тоа го чувствуваат по нивниот џеб. Над 500 илјади граѓани живеат на прагот на сиромаштија и едвај врзуваат крај со крај, а власта ништо не презема. – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив државата оди кон дното, а власта само во последната година задолжи нови скоро половина милијарда евра, пари кои ќе треба да ги враќаат идните генерации.
– Со тоа јавниот долг надмина 50%. Со СДСМ Република Македонија само тоне. Нема просперитет со власта на Зоран Заев, токму затоа потребно е што побргу да си заминат. – се потенцира во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.