Економија 18. септември 2020. / 21:30

ВМРО-ДПМНЕ иницира во Собранието да се расправа за поскапувањето на струјата

ВМРО-ДПМНЕ иницира во Собранието да се расправа за поскапувањето на струјата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието на Република Македонија доставува иницијатива за одржување на надзорна расправа во Комисијата за финансирање и буџет за причините за поскапување на цената на електричната енергија во услови на економска криза.

Ваквата одлука за поскапување на струјата за 7,4% според нас, а и според поголемиот дел од јавноста е ирационална и директно ќе удри по џебот на граѓаните и нивниот стандард. Особено што ваквото поскапување е единствено во регионот и пошироко, во услови на пандемија, кога сите останати земји ги замрзнаа цените на овој енергенс, а некои дури и ги намалуваа, велат од пратеничката група.

Сметаме дека одлуката на Регулаторната комисија за енергетика има за цел да го заштити профитот на енергетските компании, на сметка на семејниот буџет на граѓаните, а патем и да го покрие нерационалното трошење на огромни суми, партиските и непотистички вработувања, сомнителните тендери, кои потоа ги прикажуваат како трошоци за работа.Надзорната расправа ќе ја открие вистинската причина за ваквата нерационална одлука која уште повеќе ќе го забрза тонењето на стандардот на народот, велат од таму. 

ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став дека цената на струјата треба да се врати на нивото пред одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и истовремено бара да се испита партиско-политичкото влијание врз Регулаторната комисија, што ако се покаже неминовно ќе доведе до нејзино распуштање и избор на нова која ќе работи самостојно врз база на експертски и реални анализи.