Економија 11. мај 2019. / 09:59

ВМРО-ДПМНЕ: Економијата е пред колапс, а Заев ужива на скапиот мотор

ВМРО-ДПМНЕ: Економијата е пред колапс, а Заев ужива на скапиот мотор

Македонската економија е пред колапс, граѓаните леб немаат, а на Заев му е најважно цела недела да си се извози на скапиот мотор, обвини утрово опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Ниту една метла, ниту една оставка не може да ја надомести штетата која Зоран Заев, Тевдовски и Анѓушев ја нанесоа на македонската економија за две години власт. Сите економски показатели укажуваат на фактот дека македонската економија тоне, тоне поради погубните економски политики на криминалната и одродена власт на Зоран Заев. Додека граѓаните се борат за парче леб, функционерите на власта ги бројат милионите на своите сметки, заработени преку криминални тендери и грантови на грбот на граѓаните. – обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека додека некој се богати од буџетската сметка, во Македонија над 500 илјади граѓани живеат со еден оброк на ден, живеат на прагот на сиромаштијата.

Според партијата, во првите три месеци од годинава реализацијата на капиталните инвестиции останала закована на дното. Оттаму прашуваат каде се потрошени над половина милијарда евра пари на граѓаните, сума за која власта се задолжила кај странските и домашните кредитори.