„Две третини од граѓаните во државата земаат плата помала од просечната, а младинската невработеност е една од највисоките во Европа и регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде преку соопштение до медиумите ја обвинуваат власта предводена од СДСМ дека државата ги доживува најцрните денови.
Опозицијата потсетува дека нема ништо од просечната плата од 500 евра и дека над 500 илјади граѓани во Македонија живеат под прагот на сиромаштијата додека СДСМ, велат, троши по еден милион евра за реклами.
– СДСМ единствено се грижи за своите бизниси додека македонскиот граѓанин гладува. Огромни 70 % од граѓаните во државата земаат плата помала од просечната. Младинската невработеност е една од највисоките во Европа и регионот со 35% додека во некои општини во Македонија изнесува и до фрапантни 80 %. Долгорочната невработеност кај младите изнесува и до 40 % што значи дека младите во просек едвај наоѓаат работа и по три години од дипломирањето. Над 70 % од младите сакаат да се иселат од државата, соопштувааат од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од соопштението стои дека за надминување на ваквата состојба на, како што велат од опозицијата, неуспех и уназадување, како на економијата така и во сите сфери на општеството, СДСМ мора да си замине за обновата да почне.