Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска најави дека државата ќе воведе прогресивен данок за примања поголеми од 90 илјади денари. Оваа мерка како што рече е поради тоа што „многу наши сограѓани немаат пристап до квалитетно образование и здравство, зашто државата нема доволно пари“.
– Како министер немам право само да зборувам за овие работи, сега имам должност тие да се подобрат. Даночната реформа е за исправање на непрвдата. Праведното оданочување е стандард на најуспешните економии во светот, рамниот данок беше карактеристика за поранешните социјалистички држави – рече Тевдовски.
Тој кажа дека и во регионот сите го применувале прогресивниот данок, а како пример ја посочи Албанија.
– Предлагаме дополнителна стапка од 8 проценти за дел од доходот кој надминува над 90.000 денари. Само на дел од доходот што е над 90 илјади ќе се плаќаат дополнителни 8 проценти. На 100.000 денари доход, за 90 илјади ќе се плаќаат 10 проценти данок, додека за преостанатите 10.000 илјади ќе се плаќаат 18 проценти данок – рече Тевдовски.
Државата од воведувањето на прогресивен данок би добивала 25 милиони евра кои како што кажа министерот ќе бидат искористени за борба против сиромаштијата.