Ширењето на корона вирусот е заеднички проблем, во оваа ситуација сме сите заедно и дека заеднички треба да ги решаваме проблемите, е заклучокот по средбата во Владата на министрите и претставниците на стопанските комори во земјата, а на која се разговараше за ситуацијата со корона вирусот и индикациите врз економијата и животот на граѓаните.
Средбата се одржа на иницијатива на Владата, а техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека е многу важна, бидејќи во оваа ситуација за решавање и ублажување на проблемите кои евентуално би се појавиле во иднина сме заедно и заедно ги подготвуваме сите мерки кои ќе помогнат да немаме застој во економијата и нема да пречат во продолжување на работниот процес на компаниите.
Тој нагласи дека денешниот состав на присутни министри и претставниците на бизнис асоцијациите е всушност работна средба на Кризен штаб, кој во овој состав ќе продолжи да биде во редовна комуникација во наредниот период кога се применуваат мерки и се упатуваат пораки во врска со справувањето на евентуалните кризи при справувањето со корона вирусот.
Беше констатирано дека пораките и одлуките во врска со корона вирусот се носат и се пренесуваат на централно ниво, дека Владата ќе продолжи со комуникацијата и координацијата со стопанските комори и ќе излезе во пресрет на реалните потреби за поддршка во одредени сектори доколку за тоа има потреба.
– Потребно е сите заеднички да ги почитуваме мерките, кои ги преземаме, бидејќи очигледно е според искуствата на други земји, дека каде се преземени радикални чекори таму има и позитивни резултати за справување со кризата во економијата, рече премиерот Спасовски информирајќи ги присутните дека комуникацијата и информирањето на сите граѓани се одвива на високо ниво, за да се избегнат дезинформациите, лажните вести и создавањето паника.
Неговата заменичка во Владата, задолжена за економски прашања, Мила Царовска информираше дека е во постојана комуникацијата со претставниците на бизнис секторот во земјата и веќе е разговарано за реорганизација на производствените процеси и воведување на нови смени доколку е потребно.
-Компаниите коишто имаат потреба да ја реорганизираат својата работа во смени, тоа да го направат за да нема застој во работењето, а работниците коишто имаат деца до 10 години да соработуваат во реорганизацијата. Исто така ги повикуваме компаниите коишто имаат можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот, рече Царовска.
Претставниците на Владата информираа за дополнителните мерки кои во изминатите два дена се донесени, а кои се однесуваат во врска со вирусот „КОВИД-19“.