Со денешниот мирен протест пред Владата туристичките работници ќе се обидат уште еднаш да укажат дека без поддршка од државата не можат да ја надминат ситуацијата во која се најдоа поради коронавирусот. Како што соопштија, за протестот се пријавени повеќе од 700 учесници кои ќе бидат следени од автобуси. Протестот ќе почне симболично пред Дрво Декор, а ќе продолжи кон булеварот „Кочо Рацин“, улиците „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“ и „Васил Главинов“, булеварите „ВМРО“ и „Илинден“, до Владата.
Протестот, како што додаваат, нема никаква политичка позадина, а со оглед дека се одржува во време на пандемија, преземени ќе бидат сите заштитни мерки, носење маски и дистанцирање. Планирано е и обраќање на дел од учесниците, со цел да се напомене дека цели пет месеци се без никакви примања, без никаква можност за одржување на секторите – туризам и превозници, како и дека доколку државата не помогне, ќе бидат принудени во наредните денови да стават клуч.