Речиси два милиони евра е тендерот на Град Скопје за набавка на струја, кој е доделен на фирмата „Енерџи деливери солушнс“. Станува збор за фирма на довчерашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, која е една од водечките за снабдување на електрична енергија за државните институции и компании.
Склучениот договор на Градот со друштвото за трговија и услуги „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС) АД Скопје е во вредност од 118.236.000 денари или 1,922,537 евра.
Фирмата во април го доби тендерот и од Македонски железници, кои за електричната енергија доставена од „Енерџи деливери солушнс“ искешираа 2,302,439 евра.
Истиот месец договор вреден 813 илјади евра е потпишан и со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Меѓу државните институции кои во 2020 година ја одбрале фирмата на Анѓушев се и Собранието, затворот во „Идризово“, болниците во Прилеп, Тетово и Битола и уште многу други општини и институции.