Економија 22. јануари 2019. / 11:09

Таму го зачна Договорот од Преспа: Заев по една година на економски собир во Давос

Таму го зачна Договорот од Преспа: Заев по една година на економски собир во Давос

Денеска со Светскиот економски форум започнува собирот на најбогатите и најмоќните на Давос, со тоа што лидерите на САД, Франција, Русија и Кина нема да бидат меѓу 3.200 учесници на Форумот, но затоа ќе присуствуваат Ангела Меркел, Шинзо Абе и Бенјамин Нетенјаху.

ММФ проценува дека намалувањето на глобалниот раст, слабеење на кинеската економија, растот на песимизмот меѓу бизнис лидерите во светот изголемувањеро на јазот меѓу богатите и сиромашните ќе бидат темите во Давос.

На самитот на бизнис лидери и политичари на швајцарските Алпи ќе учествуваат претставници на повеќе од 100 земји, меѓу кои македонскиот премиер Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши.

Инаку Давос е местото каде точно пред една година беше забележан клучен исчекор во напредокот на преговорите за решавање на спорот за името помеѓу Скопје и Атина. Тогаш на маргините на Светскиот економски форум се сретнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, пред да започне низата од состаноци помеѓу министерот за надворешни работи Никола Димитров и тогашниот шеф на грчката дипломатија Никос Коцијас. Веднаш по тие средби започна и серијата средби на медијаторот на ОН, Метју Нимиц, со делегации од двете страни во наредните десетина дена. Во таа фаза интензивно комуницираа владините претставници и дипломати за балкански прашања.

-Ако погледнете наоколу, ќе се види дека сите се занимаваат со управување со кризи. Во Давос сакаме долгорочен поглед на ова. – изјави Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум во седиштето на организацијата недалеку од Женева.

Давос треба да биде место каде што лидерите се справуваат со пошироки прашања, рече Шваб, а ќе се анализираат и идните ефекти на тековната дигиталната револуција на темата “Глобализација 4,0: Обликување на глобалната светска архитектура во ерата на четвртата индустриска револуција”.

Состанокот на СЕФ оваа година во Давос се одржува од 22 до 25 јануари. Оваа година Заев нема да има средби со Ципрас, кој води борба во грчкиот парламент за обезбедување на гласови за ратификација на Преспанскиот договор што се очекува да заврши со гласање в четврток.

Наместо тоа, премиерот годинава ќе се сретне со Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.