Економија 31. август 2019. / 15:50

Таки Фити: 2019 нема да биде година на економијата

Таки Фити: 2019 нема да биде година на економијата

Тешко дека 2019 ќе биде година на економијата, иако Владата тоа помпезно го најавуваше, вели за Алсат универзитетскиот професор и претседател на МАНУ, Таки Фити. Според него, во услови на политичка нестабилност, корупциски афери, како што е случајот „Рекет“, бизнисмените тешко се одлучуваат да инвестираат, а економијата бележи ниски, па дури и негативни стапки на раст. Дополнително на тоа влијае и неизвесност околу добивањето на датум за преговори со ЕУ.

Како приоритет Владата ја прогласи економијата, но тешко одат работите бидејќи кога постои ваква неизвесност и самите инвеститори и претпријатијата очекуваат што ќе се случи. Несигурност, разочарување, тогаш приватните претпријатија се воздржуваат од инвестирање. Државата се обидува да инвестира што е можно повеќе во делот на капиталните инвестиции. Но и тие гледате дека не одат добро, не се реализираат со задоволителен степен. И тука има сериозни проблеми – рече Таки Фити, универзитетски професор.

Со ваквите оценки се согласуваат и други експерти од економската сфера.

Точно е дека вакви политички турбуленции секогаш влијаат малку обесхрабрувачки во однос на инвестициите во приватниот сектор. Но, тоа исто така зависи колкав е временскиот хоризонт до разрешување на вакви ситуации. Колку подолго тоа трае, толку и неизвесноста е поголема и тоа е понегативно… – рече Владимир Филиповски, универзитетски професор.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити, додава дека ваквата ситуацијата барем на среден рок ги ограничува можностите за побрз економски раст и развој, а според него, на Македонија и се потребни стапки на раст помеѓу 4 и 5% и тоа во континитет од неколку години. Овие ставови беа изнесени во Охрид на промоцијата на книгата на професорот Фити за улогата на фискалната и монетарната политика во стабилизацијата на економиите.